Archive

Archive for the ‘Авантури’ Category

Sanctum (2011)

April 11, 2011 Leave a comment

Ако некој се спуштил во Врело знае какво е чуството внатре.  Целата таа атмосфера таму ствара една чудна ставопочит кон природата. Уште повеќе ве исполнува со немоќ и молк кон силата со која што природата се обвиткува секаде околу вас. За кратко сфаќате дека не можете да се борите против тоа. Или ќе се потчините и предадете на таа грандиозност или истата ќе ве уништи при првата прилика.

Можеби токму поради таа претстава шти ја носев во глава Sanctum прилично ми се допадна. Тоа е филм за група пештерски нуркачи кои се спуштаат во длабочините на пештерата Esa’ala во  со цел да ја измапираат и евентуално да најдат друг излез. Без можност да бидат предупредени од површинскиот тим зафаќаат поројни дождови што во рок од неколку часа ги поплавуваат пештерите и го оставаат тимот нуркачи заробен во подолните простории принудени да бараат алтернативен пат кон надвор. Sanctum е одлична приказна за силата на природата и за тоа колку е човекот малецок во споредба со неа.

Во главните улоги се Richard Roxburgh, Rhys Wakefield и Alice Parkinson, режисер е Alister Grierson. Kако извршен продуцент е потпишан славниот James Cameroon за кој нема ни потреба да се напоменува колкава армија од успешни филмови има во својата кариера. Што се однесува до критичарите, изгледа не биле никогаш во Врело како јас па да им се допадне филмот. На Rotten Tomatoes му даваат вкупен скор од само 31% што е прилично сиромашно. Затоа пак на кино благајните е одличен и со вложени 30 милиони долари успева да заработи над 80 милиони! Со тоа се сместува на десетто место на австралиски филмови со најдобра заработувачка.

Во улогите на татко и син, Richard Roxburgh и Rhys Wakefield

Како филм што речиси целосно се случува во пештера, мислев дека Sanctum ќе ми биде клаустрофобичен и досаден. Напротив го најдов забавен и напнат. Во најмала рака е солиден трилер, без разлика на лошо настроените критичари.

Оценка: 6.5

True Grit (2010)

February 25, 2011 3 comments

Година: 2010
Режија: Joel and Ethan Coen
Сценарио: Joel and Ethan Coen (сценарио), Charles Portis (роман)

Приказна: Најпрво вреди да се спомне фактот дека истава приказна е веќе филмувана во 1969. Филмот го носи истиот наслов а во главната улога е легендарниот John Wayne. Бидејќи го немам гледано, неможам да судам за неговиот квалитет ниту пак колку новиов True Grit е преработка или е едноставно нов поглед на романот на Charles Portis. Тука и ќе го завршам муабетот за старата верзија.

Приказната во True Grit претставува нарација на Mattie Ross, сега веќе средовечна жена, за случувањата во нејзиното детство околу убиството на нејзиниот татко.  Иако само 14 годишно девојче таа на итар и неверојатно тврдокорен начин успева да го најми маршалот Rooster Cogburn и тексашкиот ренџер LaBoeuf да го најдат убиецот. Така со нив двајца тргнува по потрага за Tom Chaney низ американските прерии. Тоа можеби и не би бил толку голем проблем доколку не се земат проблематичните карактери на двајцата главни протагонисти. Cogburn, веќе во години, е суетен и пропаднат пијаница а LaBoeuf е осаменик далеку од својот дом, научен да не верува на никој друг освен на себе си. Ниту еден од двајцата не и ја олеснува работата на малата Mattie Ross.

Иако филмов припаѓа на вестерн жанрот, направен е на така фин начин што верувам дека ќе се допадне и на женската публика. Кон таква претпоставка ме влече и сентименталната нота проткаена низ крајот на филмот која сигурно нема никого да остане рамнодушен.

Екипа: Нема ништо поубаво кога една одлична филмска приказна ќе биде одиграна од уште подобра глумечка екипа. True Grit е баш еден таков пример. Jeff Bridges (Rooster Cogburn) , Hailee Steinfeld (Mattie Ross), Matt Damon (LaBoeuf) и Josh Brolin(Tom Chaney) даваат прекрасни изведби! Тоа мое мислење не е поради фактот што се ѕвезди! Ни најмалку не е така! Луѓево во филмов се едноставно феноменални, даваат можеби се од себе за да на веродостоен начин ги одиграат улогите кои што им се дадени. Нешто што можеби и треба да е стандард но за жал стандард што се помалку го има во Холивуд.


За Hailee Steinfeld улогата на Mattie Ross е нејзина прва на големото платно. Можете да замислите колку е само добра кога во својот дебитантски настап успева да добие номинација за оскар. Подобра глума од млада актерка немам видено со години!


Начинот на кој господинот Jeff Bridges успева да се истрансформира од филм до филм се граничи со генијалност! Нема како поинаку да се објасни и неговата улога како Rooster Cogburn која му ја носи шестата номинација за оскар! Лани истата таа награда и ја освои. Изгледа како да влегува во своето златно глумечко доба кога целиот талент му експлодира на најдобар можен начин.

Се на се: 10 номинации за оскар, 13 други веќе освоени награди и уште 54 други номинации. Филм за сечиј вкус што несмее никој да го пропушти! Чиста десетка!

Оценка: 10/10

Robin Hood (2010)

November 22, 2010 Leave a comment

robin hood poster

Година: 2010
Режија: Ridley Scott
Сценарио: Brian Helgeland

Екипа: Ridley Scott и Brian Helgeland се имаат докажувано на бројни наврати. Слободно може да се каже дека се ѕвездите на она што го работат. Сигурно им било задовлоство што имале шанса да работат на една од најпознатите херојски приказни на сите времиња. Згора на тоа, си избрале глумци какви што само може да посакаат за работа: Russell CroweCate BlanchettMax von SydowWilliam Hurt итн. Прашањето е, зашто кога сите состојки се тука, и се феноменални судено по се, не е и филмот феноменален? Не би рекол дека глумата е во прашање. Иако Russell е прилично крут на моменти и изгледа  ко да го мрзи да глуми, Blanchett и von Sydow си се сосема солидни! Така да, единствено нешто што ми останува е веројатноста за промашена тема т.е. лош кастинг. Иако се солидни, двајцата главни протагонисти едноставно не се за оваа приакзна.

Можеби потпаѓам под влијание на стереотипи ама Robin Hood не е средовечен мечувалец со набиено тело а уште помалку семоќен војсководец. Тоа е бре опис на гладијатор! Ridley Scott мора да си ги помешал апчињата. По ѓаволите, Cary Elwes од Men in Tights е многу повеќе Robin Hood од Russell! Уште една работа што ме буни и што не ми беше јасна…. од кога тоа Maid Marian е сериозна, 40 годишна вдовица?? Самиот збор “maid” е од “maiden” што значи “девица” од каде што во најмала мера треба да значи дека Marian е далеку помлада од Blanchett!

Јасно ми е дека ова е некој ‘ридлеовски’ поглед на Robin Hood универзумот. Ама ако ми е јасно не значи дека треба и да ми се допаѓа!

robinVSgladiator

Приказна: Несогласувањата со Ridley ќе ги префрлам на Brian. Приказната е поинаква и  значително отстапува од она што го знаеме за Робин Худ. Тоа и немаше да биде проблем ако барем беше историски точна. Да понудеше можна варијанта на Робин Худ која би се поклопила со некои временски рамки. За жал приказната почнува да застранува од историјата уште од самиот почеток. Некаде до половината ловев анахронизми па се откажав. Верувам дека ги имало и понатаму.

Ете, да го тргнам и тоа на страна и да го земам како филм за војна помеѓу две држави (кралства т.е.), Англија и Франција! Во тој случај, како е можно главната и единствена битка да се сведе на едвај 500 луѓе,  со се кралевите на завојуваните страни,  меѓу кои и група од 15тина деца качени на понија! Абсурдно! Уште поабсурдно е местото што французите го беа избрале за напад! Кој црн будала крал би нападнал на морски гребен? Единствен начин на кој ќе беше поочигледно дека целиот зафат е стратешка глупост е гребенот да беше во форма на џиновски камен прст кој посочува на друга страна!

Единствената работа која не се менува во многуте верзии за Робин Худ е фактот што тој е натприродно добар стрелец. За жал и тоа отсуствува од оваа приказна. Најголемотео мајсторство што Робин го покажа е способноста да му ја промаши главата, до душе на два пати, на човек кој мирно стои на чекор од него. Еден од клучните моменти дури се заснова на фактот што Робин е лош стрелец па во еден момент успеа само да го обележи главниот негативец.

Се на се: Кога сум веќе до крајот, редно е да престанам да кукам! Ако исклучам се што некогаш сум чул и видел за Робин Худ и ако го ценам филмов како приказна сама за себе, морам да кажам дека е солидна авантура со чат-пат глупави моменти. Како дополнение е добрата глума на речиси сите и добриот comic relief момент во форма на веселата дружина на Робин Худ. Секако би го препорачал, но не со преголема воодушевеност….. а и би било добро да сте во тек кога ќе стигне продолжението! 😉

Оценка: 6.5/10

Лавиринтот на фаунот

February 18, 2007 Leave a comment

Добитникот на овогодинешнава BAFTA за најдобар филм од не-англиско говорно подрачје…и сосема со право! Кога би било право би требало да го добие и оскарот во истата таа категорија. Исто како што се оправдани сите 6 Оскар номинации, сите 25 добиени награди и 45 други номинации и 64то место (за сега) на imdb.com листата на најдобри 250 филма на сите времиња (по избор, нели, на корисниците). Во ова филмско ремек дело режисерот Guillermo Del Toro повторно се навраќа (како и во El Espinazo del Diablo) во Шпанија за времето на Франко и граѓанската војна но со примеси на фантастичното и надреалното. Изгледа дека веќе тој период од постоењто на Шпанија и фантастичните елементи во комбинација му стануваат своевидна филмска преокупација на Del Toro. Особено ако се знае дека веќе има во пред-продукција трет негов филм, под наслов 3993, кој е сместен во истото тоа опкружување. 

Лавиринтот на фаунот е приказна за едно несреќно девојче кое кое бегајќи од сите проблеми и лоши нешта кои ја опкружуваат (болната мајка, злобниот очув, граѓанската војна во која е директно турната) создава свој сопствен свет во која наоѓа сопствено прибежиште. Тоа е свет на бајки, на самовили, на кралеви и принцези и се разбира на еден фаун и еден лавиринт. Филмов е приказна за човековиот сензибилитет и неговата често сурова природа. Изгледа некако детски и можеби како клишејна борба добро наспроти зло …. но не е. Филмов е се освен клише! Начинот на кој вистинскиот свет влијае врз креирањето на светот на фантазија на девојчето е сосема уникатен и за прв пат виден на филм.

Глумата е беспрекорна од сите, фотографијата и костимографијата се прекрасни а приспивната песничка која е ‘лајт мотив’ на музиката во филмот неможам да ја извадам од глава веќе неколку дена. Значи се на се ептен добар филм што несмее да се пропушти по никоја цена. Гледајте то пред оскарите за да има за кого да навивате 😉

Categories: Авантури