Archive

Archive for the ‘Документарци’ Category

Collapse (2009)

February 5, 2011 Leave a comment

Година: 2009
Режија: Chris Smith

Ова е документарен филм за колапсот. Пред се за оној на светската економија од пред некое време. Истата што сеуште трае и ги тресе и малите и големите држави ширум светот. Но ова е филм и за еден поинаков вид на колапс. Оној што може е пострашен од политичко-економскиот. Тоа е колапсот на животот на главниот протагонист на овој филм, Michael Ruppert. Овие два меѓусебе испреплетени слоја го прават Collapse суштински од повеќе аспекти. Далеку од тоа дека, како што некои критичари велат, е уште една приказна за уште еден светски заговор.

Некако е нелогично да се раздвојат двете гореспоменати нишки на оваа приказна. Поради тоа, за да се дојде до идеите во врска со големта економска криза мора да се започне најпрво со животот и делото на нивниот креатор.

Ruppert е роден 1951 во Washington DC. Потекнува од фамилија која е длабоко поврзана со разни владини агенции, CIA, DoD и слично. Најверојатно воден од семејната историја се запишува и завршува политички науки на UCLA. Потоа добива работа како полицаец во LAPD. Таму за кратко време ги покажува своите квалитети, завршува и курс за агент на DEA и се префрлува баш во тој оддел како детектив. Од тој момент започнува своевидниот колапс на неговиот живот.

Во 1977 открива дека самата CIA учествува во трговија и дистрибуција на наркотици што и официјално го пријавува. Откако увидува дека сите се свесни за тоа и премолчувајќи истото го одобруваат, дава отказ од CIA во 1978. Во наредниот период е под голем притисок и закани. Направени биле и три обиди да биде ликвидиран но безуспешно. И покрај се, тој не престанува во своите обиди да дојде до правда. Тоа го прави на сите можни начини во наредните 20 години, од јавни соочувања со лица високо во хиерархијата на Агенциите, до официјално приложување на разни доказни материјали. За жал, до ден денес, никој нема делувано по нив.

Доцните 90ти станува истражувачки новинар и започнува newsletter под име From the Wilderness во кој разоткрива разни корупциски скандали во владеачките структури на САД. Читан е во над 50 држави, од бројни видни личности во државата како професори и конгресмени. Благодарејќи на својата експертиза вршел предавања низ многу универзитети а бил и повикуван на сослушувања за разни случаи на корупција.

Michael Ruppert

Michael Ruppert

Атмосферата во Collapse не е ништо поразлична како на самиот постер. Ruppert е сместен во темна соба, седнат на столица, нешто налик на оние ќелии за испрашување на осомничени. Од една таква атмосфера, палејќи цигара за цигара, тој ги реди своите гледишта за тоа што се случи со светската економија и што доведе до нејзинио стрмоглав пад. Главно место во неговите размислувања зема идејата за peak oil, како во еден момент производсвото на нафта ќе го достигне врвот и во еден момент ќе почне да опаѓа се до оној момент кога целосно ќе ја снема. Според него, светската економија е градена на постулатот дека сите ресурси се бесконечни, што некако се коси со здравата логика! Што и да е, ќе дојде денот кога ќе се потроши па и самата нафта. Што тогаш? Како тогаш ќе се продолжи со се? Ruppert спасот го наоѓа во фамилајата, заедницата и меѓусебното помагање, што на целата црна приказна и носи нота на надеж и оптимизам.

Идеите на Ruppert варираат од застрашувачко вистинити и потресни до параноидни. Убавото нешто е што Chris Smith не завзема страни. Тотално е непристрасесен кон се што се кажува. Се чини дека нему поважен му е Ruppert како личност отколку неговите излагања. Поради тоа на неколку пати не му пречи да го остави Ruppert убаво да се исплаче, без притоа да е јасно што точно тој оплакува, светскиот пад или неговиот личен пад. Кон таа можност се придодава и крајот на овој документарец. Тој режисерот не го завршува со можно сценарио за крај на светот или порака кон човештвото, туку ја истакнува тешката состојба на неговиот главен јунак, без пари, без семејство, под закана да биде иселен од малата куќа која ја изнајмува.

Collapse е една потресна приказна која несмее да се пропушти и покрај тоа што некои ја опишуваат како налудничави бладања за уште еден голем светски заговор кои не ја земаат во предвид човековата снаодливост да се справи со каков и да е проблем.

Оценка: 8/10

Advertisements