Archive

Archive for the ‘Трилери’ Category

Sanctum (2011)

April 11, 2011 Leave a comment

Ако некој се спуштил во Врело знае какво е чуството внатре.  Целата таа атмосфера таму ствара една чудна ставопочит кон природата. Уште повеќе ве исполнува со немоќ и молк кон силата со која што природата се обвиткува секаде околу вас. За кратко сфаќате дека не можете да се борите против тоа. Или ќе се потчините и предадете на таа грандиозност или истата ќе ве уништи при првата прилика.

Можеби токму поради таа претстава шти ја носев во глава Sanctum прилично ми се допадна. Тоа е филм за група пештерски нуркачи кои се спуштаат во длабочините на пештерата Esa’ala во  со цел да ја измапираат и евентуално да најдат друг излез. Без можност да бидат предупредени од површинскиот тим зафаќаат поројни дождови што во рок од неколку часа ги поплавуваат пештерите и го оставаат тимот нуркачи заробен во подолните простории принудени да бараат алтернативен пат кон надвор. Sanctum е одлична приказна за силата на природата и за тоа колку е човекот малецок во споредба со неа.

Во главните улоги се Richard Roxburgh, Rhys Wakefield и Alice Parkinson, режисер е Alister Grierson. Kако извршен продуцент е потпишан славниот James Cameroon за кој нема ни потреба да се напоменува колкава армија од успешни филмови има во својата кариера. Што се однесува до критичарите, изгледа не биле никогаш во Врело како јас па да им се допадне филмот. На Rotten Tomatoes му даваат вкупен скор од само 31% што е прилично сиромашно. Затоа пак на кино благајните е одличен и со вложени 30 милиони долари успева да заработи над 80 милиони! Со тоа се сместува на десетто место на австралиски филмови со најдобра заработувачка.

Во улогите на татко и син, Richard Roxburgh и Rhys Wakefield

Како филм што речиси целосно се случува во пештера, мислев дека Sanctum ќе ми биде клаустрофобичен и досаден. Напротив го најдов забавен и напнат. Во најмала рака е солиден трилер, без разлика на лошо настроените критичари.

Оценка: 6.5

Fair Game (2010)

March 14, 2011 Leave a comment

Сниман по вистински настани, Fair Game е филм за Valerie Plame и нејзиниот живот како таен агент на CIA. Филмот го носи истото име како и нејзините мемоари. Главна тема на приказната е потрагата по нуклеарно оружје во Ирак пред окупацијата од страна на САД. Откако сопругот на ValeriJoe Wilson,  излегува во јавноста со тврдење дека владата на САД ги лажира извештаите, CIA се свртува против Valerie и нејзиното семејство. Како одмазда тие  го откриваат нејзиниот вистински идентитет и со тоа директно ги уништуваат и нејзината кариера и нејзиниот приватен живот.

Во улогата на сопружниците се Naomi Watts и Sean Penn.

Филмовите снимани според вистински настани се меч со две острици. Како голем плус со себе ја носат возбудата дека тоа на некого и навистина му се има случено. Од друга страна минус е тоа што на моменти настаните можеби и не се доволно возбудливи, спектакуларни или со еден збор ‘филмски’ но поради веродостојност сценаристот не може ништо да промени. Такво чуство имав и со Fair Game. Ми беше премногу невозбудлив и неинтересен иако носи основа за одлична приказна. За жал животот не ја доработил доволно добро.   Naomi Watts и Sean Penn се секако солидни но приказната не дава простор за и двајцата да го прикажат својот вистински талент.

На крај од Fair Game не ми беше јасно дали станува збор за обид да се раскаже една потресна животна приказна или е едноставен платен политички видео спот. Нема потреба човек многу да се труди за да го доживее како политичка пропаганда против стариот режимот на Буш. Барем јас го доживеав како премногу политизирана варијанта на нешто што лесно можело да биде општа порака контра бирократските профитерски режими.

5,5/10

Devil (2010)

February 11, 2011 Leave a comment

Година: 2010
Режија: John Erick Dowdle
Сценарио: Brian Nelson (сценарио), M. Night Shyamalan (приказна)

Екипа: Единствено можеби бабичката, Jenny O’Hara, е нешто попозната. Останатите: Chris MessinaLogan Marshall-GreenBokeem Woodbine и Bojana Novakovic се со претежно неважни и не многу успешни споредни улоги и улоги по серии во своите кариери.  Затоа што гарант ќе сакате да знаете, Bojana Novakovic е родена србинка (1981) меѓутоа порасната и образована во Австралија. Ретко кој од Балканот директно стига во Холивуд.

Иако се релативно непознати не можам да најдам поголеми забелешки за глумата. Освен можеби на Bojana која на моменти ми е малку пластична. Сите останати верно си ги пренесуваат ликовите и допринесуваат кон добрата атмосфера низ целиот филм.

Приказна: Релативно едноставна приказна која повеќе се потпира на атмосфера и тоа сосема успешно. Од време на време, ѓаволот доаѓа помеѓу обичните луѓе, одбира група на грешници и си поигрува со нив порадни нивните злодела. Што до некаде е чудно! Не би требало тоа да го прави некој поданик на Бог, некој од добрите? Зашто ѓаволот би ги казнувал оние кои чекорат по неговиот пат?

Во секој случај, ѓаволот е многу лут на група грешници и е решен да ги земе со себе… долу по скалите! 😉 Навидум едноставните настани како скокот од 100 катница и заглавување на лифт всушност претставуваат последица од насобирањето на негативна енергија поради неговото доаѓање. Токму тој лифт ќе стане сцена за крвав масакар. Надвор од лифтот детективот Bowden прави се што е во негова моќ да ги спаси оние заглавени во него но без притоа да може да согледа што вистински се крие позади настаните. Интересното е што сите судбини на учесниците се испреплетени на еден или на друг начин. Ништо не е случајно.

Се на се: Едноставен и интересен филм со заплет кој што е фин доколку не се навлезе премногу во анализирање на тоа што и зашто. Добра атмосфера, неколку добри плашења и солидна глума од актерите се доволна причина за да го видат љубителите на класичните трилер филмови без притоа да мора да бидат хорор фанови. Од друга страна, ништо оригинално. Потсетува прилично на долгометражна епизода од Supernatural, па на љубителите на серијалот филмов ќе им биде “гола вода”.

Оценка: 6/10

Unstoppable (2010)

January 8, 2011 2 comments


Година: 2010
Режија: Tony Scott
Сценарио: Mark Bomback

Екипа: Никој не би можел да се жали за недостатоци во овој аспект на филмот! Дури и во најлоша форма Denzel Washington може да поткрене филм на едно скалило повисоко. Иако ова е далеку од негова најдобра улога сепак е солиден и го пружа токму тоа што се бара од ликот што го игра! Chris Pine верувам е ставен во филмов колку-толку да привлече женска публика. Кого и да ставеле на негово место би изиграл добро пред се затоа што и нема којзнае што за глумење. Може да се каже дека глумците се некако споредната работа во целиов филм иако на моменти добро придонесуваат. Главното е самата приказна за која режисерот и сценаристот се имаат погрижено да е супер возбудлива, неизвесна и интересна од почеток до крај!

Приказна: Животот пишува романи! Е во овој случај, животот пишува сценарио! Unstoppable е сниман по вистинска приказна која како што ми се чини е многу малку изадаптирана за филмскиот екран! Се почнува кога на еден паркинг за возови, на машиновозачот успева да му избега цела композиција од вагони и тоа под полна гас! Да бидат работите уште полоши, дел од вагоните во себе носат високо запалливо и токсично средство. За кратко време сите сфаќаат дека немаат избеган воз но избегана ракета која се очекува да експлодира секој момент. Во борбата да се сопре возот директно се вмешуваат двајцата главни протагонисти (играни од Washington и Pine) инаку најобични возачи на локомотива! Можеби почетокот на приказнава звучи малку банално но едноставно така е, тоа се случило и во вистинскиот настан!

Се на се: Одличен, возбудлив трилер кој нема да забележите кога ќе помине од почеток до крај! На целата акција посебна тежина дава фактот што се ова се има и реално случено! Љубителите на жанрот никако не смеат да го пропуштат филмов!

Оценка: 7/10

Cherry Tree Lane (2010)

November 16, 2010 Leave a comment

Cherry Tree Lane Poster

Година: 2009
Режија: Paul Andrew Williams
Сценарио: Paul Andrew Williams

Екипа: Глумците се тотално непознати. Ниско буџетни глумци за ниско буџетен филм. Единствено име што отскокнува е она на режисерот и сценарист,  Paul Andrew Williams. Покрај неколкуте релативно непознати но добро рангирани хорор филмови, негов е критички одобрениот London to Brighton. Моја грешка е што наместо да го гледам тој јас го гледав овој, под претпоставка дека би бил подеднакво добар како претходно испофалениот. Што е тука е! Глумците, иако непознати, се во најмала мера солидни со само изолирани моменти на  лоша, вештачка глума и неколку одлично изведени, потресни сцени.

Приказна: Обична брачна двојка, во најобична англиска вечер е тероризирана од најобична банда на млади деликвенти. На почеток се тројца за да подоцна им се придружи и женско друштво и едно 10-12 годишно детенце кое случајно се наоѓа таму каде што најмалку потребно. Цел на заложничката драма е синот на двајцата сопружници кои сите чекаат да се врати од некаде а кој претходно го исцинкарил the cousin на главниот тепач.

Највредно за зебележување во целиот настан е тоа што сите, освен добро измалтретираните маж и жена, целата случка ја поминуваат со неверојатна леснотија. Низ сите настани нема ни грам загриженост во нивниот израз. Како се тоа да им е за добро утро. Некоја тривијална детска игра како џамлии или жмурка. Изгледа до таму отишол еволутивниот процес. Уште повеќе загрижувачки е моментот кога доаѓаат девојките. Најобични тинејџерки, горе-доле средна или висока ниска класа, кои како да не забележуваат дека пред нив лежи полумртов изврзан човек додека тие си пијат шампањско и поминуваат низ случките на денот.


Се на се: Солиден “урбан хорор”, како што некои го нарекуваат. Ми се засвиѓа како сета таа обичност и просечност од текот на целиот филм експлодира во потенцијално потресен крај со општочовечка порака за анималноста во нас. Уште една добра работа ми беше камерата. Многу крупни кадри и кадри надвор од центарот на случувањата. Пример, камерата седи на лицето на таткото додека таму некаде се слуша како неговиот син е диво претепуван. Интересен пристап кој се кажува дека режисерот го усовршил уште во London to Brighton.

Оценка: 6/10

Exam (2009)

November 7, 2010 2 comments

exam poster

Година: 2009
Режија: Stuart Hazeldine
Сценарио: Stuart HazeldineSimon Garrity

Екипа: Сите во оваа британска екипа се малтене непознати. Не одрипнува ниту едно име ниту кај глумците ниту кај продукцијата па поради тоа нема да спомнам никого. Сепак, тоа што се непознати не ги спречи да покажат во најмала рака просечно добра глума. Филмов, како и многу други, пак ми покажува дека просечниот британски актер е далеку подобар од просечниот американски актер. Вреди да се спомне дека Exam т.е. Stuart Hazeldine беше номиниран за овогодинешниве BAFTA во категоријата Outstanding Debut by a British Writer, Director or Producer. Можеби би било добра идеја да ја пратиме работата на човеков штом вака добро си ја започнува кариерата особено бидејќи до 2012 треба да ја заврши филмуваната верзија на Paradise Lost!

Приказна: Ова е приказна за едно поинакво работно интервју. Во соба се сместени 8 кандидати и еден стражар. За 80 минути треба да го завршат тестот. Се што имаат се испитниот лист и моливче. Проблемот е што листовите се празни а никој не го знае прашањето на кое се очекува одговор! Секој контакт со стражарот или преку камерите со комисијата значи автоматска дисквалификација. Истото следи и за оној чиј испитен лист ќе биде оштетен на каков и да е начин. Многу дилеми, забрани и рестрикции. Ама, поентата не е во тоа што е забрането туку во тоа што се е дозволено.

Се на се: Exam е еден фин психолошки трилер кој секако вреди да се погледне. Пред се поради тоа што е британски, поинаков и што нуди невообичаеност во приказната која ја има се помалку во холивудските филмови. Воопшто не му смета тоа што глумците се кој од кој понепознат и што буџетот е претпоставувам очајно низок. Дури кога ќе се земе сето тоа во предвид, филмов е феноменален. Нормално дека има пропусти како не толку длабоки досетки и постапки на ликовите и верувам крајот не на секого ќе му се допадне ама општиот впечаток мене ми беше прилично позитивен. Според мене и BAFTA номинацијата значи многу затоа што знаат тие да бидат прилично строги при своите избори.

Оценка: 7/10

Vacancy

July 23, 2007 Leave a comment


Со исклучок на Psycho (1960) кој го немам гледано, ова е можеби најдобриот филм во slasher movie класата. Во Vacancy има баш се што беше испуштено во Friday 13th, I know what you did last summer, Valentine, Scream и многу други! За разлика од нив тука Beckinsale, Wilson и Whaley (психо мастермајндот) глумат одлично па дури и предобро за ваков тип на филм! Ликовите се доста промислени и не прават класични глупи потези што расипуваат расположение 🙂 Осебно ми се допадна што целиот филм е како една куса вињета, еден времеснки исечок од животите на главните актери поврзани со мотелот. Нема објаснувања што, кој, зашто како, што било пред тоа….. апсолутно и нема потреба! Филмот се фокусира едноставно на настаните од таа ноќ и толку. Одличен трилер!!