Archive

Posts Tagged ‘демони’

Ноќната стража од Сергеј Лукјаненко

April 4, 2011 Leave a comment

JK Rowling, Russian style….”  или така барем би рекол Daily Telegraph за првата книга од четирилогијата на Лукјаненко. Далеку од тоа дека универзумот што се креира во овој прв дел е комплексен како оној на Harry Potter но сепак постојат одредени елементи поради кои можат да се повлечат паралели кон него. Пред се тоа е фантастиката и борбата на доброто и лошото или подобро кажано на Темните против Светлите. Но најубаво да тргнам од почеток.

Врз луѓето на невидлив начин владеат Другите. Тоа е посебен вид на луѓе со натприродни сили кои ги контролираат судбините на обичните смртници. Тука се вештерките, волшебниците, врколаците, вампирите, исцелувачите, гатачите и уште многу други за кои сме слушале низ филмови, книги, приказни и разно-разни митологии.  Сите тие припаѓаат на два табора, Светлите и Темните. Тука Лукјаненко сосема намерно не ги именива како добрите и лошите. Филозофијата на нивното постоење и делување е далеку покомплексна од обична поделба на добро и лошо и вечна борба за превласт помеѓу нив. Тука Ноќната стража се одделува од Harry Potter серијалот по тоа што е многу подлабока и посмисловна иако со не така детално изграден универзум.

Главен лик е Антон. Млад службеник на Светлите и волшебник од ниско ниво. Уште на почетокот, како се одмотува неговата животна приказна, дознаваме за потпишаниот договор помеѓу двете страни. Според него забрането е безволно и некотролирано вршење светли и темни дела или поедноставно кажано, добри и лоши. За секое добро мора да се направи лошо дело на исто ниво, и обратно. На тој начин челниците на Светлите и Темните обезбедиле постигнување на одредена рамнотежа во светот и сопирање на огромните крвопролевања низ човековата историја кои се случувале како последица од борбата за превласт. Со цел да се обезбеди почитување на договорот се воспоставуваат две стражи. Ноќната стража е онаа на Светлите а Дневната стража на Темните.

Постер за истоимениот руски филм од 2004. Иако го носат истиот наслов приказната на филмот се разликува од книгата и превзема елементи од наредните книги во четирилогијата.

Антон служи во Ноќната стража во Москва под видното око на големиот волшебник Гезар. Работите се комплицираат уште од самиот почеток кога ќе успее да спаси од голема клетва одредена млада девојка. Таа девојка која подоцна ќе стане негова љубовница ќе се покаже дека е предодредена да стане една од најголемите волшебнички познати на историјата. Тука ќе започне личната борба на Антон и неговото противење на судбината и предодреденото. Со самиот фактот што одбива да се потчини тој наликува повеќе на Темен отколку на Светол па се наметнуваат бројни прашање за тоа што е исправно а што не. Зашто исправнот е навистина исправно и кој го предодредил тоа.

Ноќната стража е одлично смислен и изведен трилер кој припаѓа на фантастичниот жанр. Забавен но и паметен од почеток до крај, поставува бројни прашања од општочовечка вредност и отвара солидни дискусии по истите. Токму поради неговата повеќеслојност најверојатно и постигнува голем светски успех и ги собира пофалбите и од читателите и од критичарите. За мене лично, самата комбинација од фантастика и Русија значеше дека книгава не смее да се пропушти! 🙂

Noroi: The Curse (2005)

December 9, 2010 Leave a comment

Noroi The Curse

Година: 2005
Режија: Kôji Shiraishi
Сценарио: Kôji Shiraishi

Ќе морам пак да избегам од стандардниот начин на претставување филмови од неколку причини. Најпрво бидејќи Noroi е далеку од типичен филм а потоа бидејќи во него нема апсолутно никој познат ниту значаен што вреди да се истакне. Да се анализира глумата на актерите исто така ми е без поента кога во овој случај тоа е најмалку важната работа.

Masafumi Kobayashi е долгогодишен истражувач на паранормални активности,случки и нерешени мистерии. Noroi е филм за неговиот последен документарец за демонот Kagutaba под име The Curse, после кој Kobayashi мистериозно исчезнува и никогаш повеќе не е виден. Noroi е приказ на документарецот со нарација која објаснува одредени случки пред и после снимањето на филмот. Самиот документарец е језива и потресна приказна за мистериозни настани што се слулуваат околу неколку навидум случајни личности.

Noroi во суштина не е исклучителен филм по ниеден критериум. Сепак, приказната на моменти е прилично вознемирувачка и, типично за јапонците, настрана и морбидна. Иако текот на нештата е поспор на почетокот, на крајот настаните експлодираат и кулминираат прилично неочекувано. Најстрашните моменти ми беа откако мислев дека веќе се е завршено. Особено e застрашувачки е доколку барем на момент поверувате дека ова е вистински документарец! Со оглед на тоа дека е сниман со аматерска камера, верувам дека тоа и нема да е многу тешко. Како дополнение на тој ефект на реалност (ама само за Јапонците) е што во филмов учествуваат познати ТВ фаци од Јапонија а и добар дел од снимките се направени како извадоци од јапонски ТВ шоуа и емисии.

Ако треба да изберам три причини поради кои би требало да се погледне е тоа што е вознемирувачки и морбиден, наликува на Paranormal Activity (а овој доста подоцна се појави и постигна огромен успех) и го има на YouTube во вкупно 11 дела па е прилично лесно достапен.

Оценка: 6,5/10