Archive

Posts Tagged ‘ниско буџетен’

Cherry Tree Lane (2010)

November 16, 2010 Leave a comment

Cherry Tree Lane Poster

Година: 2009
Режија: Paul Andrew Williams
Сценарио: Paul Andrew Williams

Екипа: Глумците се тотално непознати. Ниско буџетни глумци за ниско буџетен филм. Единствено име што отскокнува е она на режисерот и сценарист,  Paul Andrew Williams. Покрај неколкуте релативно непознати но добро рангирани хорор филмови, негов е критички одобрениот London to Brighton. Моја грешка е што наместо да го гледам тој јас го гледав овој, под претпоставка дека би бил подеднакво добар како претходно испофалениот. Што е тука е! Глумците, иако непознати, се во најмала мера солидни со само изолирани моменти на  лоша, вештачка глума и неколку одлично изведени, потресни сцени.

Приказна: Обична брачна двојка, во најобична англиска вечер е тероризирана од најобична банда на млади деликвенти. На почеток се тројца за да подоцна им се придружи и женско друштво и едно 10-12 годишно детенце кое случајно се наоѓа таму каде што најмалку потребно. Цел на заложничката драма е синот на двајцата сопружници кои сите чекаат да се врати од некаде а кој претходно го исцинкарил the cousin на главниот тепач.

Највредно за зебележување во целиот настан е тоа што сите, освен добро измалтретираните маж и жена, целата случка ја поминуваат со неверојатна леснотија. Низ сите настани нема ни грам загриженост во нивниот израз. Како се тоа да им е за добро утро. Некоја тривијална детска игра како џамлии или жмурка. Изгледа до таму отишол еволутивниот процес. Уште повеќе загрижувачки е моментот кога доаѓаат девојките. Најобични тинејџерки, горе-доле средна или висока ниска класа, кои како да не забележуваат дека пред нив лежи полумртов изврзан човек додека тие си пијат шампањско и поминуваат низ случките на денот.


Се на се: Солиден “урбан хорор”, како што некои го нарекуваат. Ми се засвиѓа како сета таа обичност и просечност од текот на целиот филм експлодира во потенцијално потресен крај со општочовечка порака за анималноста во нас. Уште една добра работа ми беше камерата. Многу крупни кадри и кадри надвор од центарот на случувањата. Пример, камерата седи на лицето на таткото додека таму некаде се слуша како неговиот син е диво претепуван. Интересен пристап кој се кажува дека режисерот го усовршил уште во London to Brighton.

Оценка: 6/10

Carny (TV 2009)

November 11, 2010 Leave a comment

Carny posterГодина: 2009
Режија: Sheldon Wilson
Сценарио: Douglas G. Davis

Екипа: Би рекол типична ТВ тиња. Можеби е навредливо но некои глумци де факто никогаш нема да излезат од ТВ екраните па на големото платно. Ќе останат просечни или поради тоа што се задоволни со просечност или бидејќи толку ги бива. Типичен претставник на таа фела ми е главниот лик на филмов Lou Diamond Phillips. Верувам нема кој не го знае. Човекот си има изградено имиџ од лоши, нискобуџетни ТВ филмови, серии и што е право едно или две солидни кино остварувања. Очигледно е подостарен, но фацата е таа, препознатлива, како бренд! И искрено, само ради него не го исклучив филмот. Вториот познат глумец во филмов е Alan C. Peterson. Тој, рака на срце, се има појавувано во доста големи филмски проекти (Narc, Shooter, Defendor, Shanghai Noon…) што верувам дека одма се познава од неговата глума. Се останато од глумците е катастрофа во секој можен поглед.

Приказна: На првата вечер на карневалот во малото американско гратче, на главното отварање, нивната главна атракција ќе успее да побегне и да направи касапница наоколу. Атракцијата е помалку познатиот Jersey Devil, урбана легенда од американскиот исток. Шерифот (Lou Diamond Phillips) сака да го фати за да го убие, газдата на карневалот (Alan C. Peterson) за да може со него да го продолжи своето шоу. Горе-доле тоа е се, плитко, проѕирно и без многу возбуди. Згора на се ефектите се мизерни а крајот… крајот е во суштина непостоечки бидејќи филмов не заврши туку едноставно престанува!

Се на се: Дури и die-hard хорор обожаватели треба да помислат два пати пред да седнат да го гледаат филмов! Мене ми го предложи ДВД снабдувачот…. што го сменив веќе наредниот ден!

Оценка: 3/10

Exam (2009)

November 7, 2010 2 comments

exam poster

Година: 2009
Режија: Stuart Hazeldine
Сценарио: Stuart HazeldineSimon Garrity

Екипа: Сите во оваа британска екипа се малтене непознати. Не одрипнува ниту едно име ниту кај глумците ниту кај продукцијата па поради тоа нема да спомнам никого. Сепак, тоа што се непознати не ги спречи да покажат во најмала рака просечно добра глума. Филмов, како и многу други, пак ми покажува дека просечниот британски актер е далеку подобар од просечниот американски актер. Вреди да се спомне дека Exam т.е. Stuart Hazeldine беше номиниран за овогодинешниве BAFTA во категоријата Outstanding Debut by a British Writer, Director or Producer. Можеби би било добра идеја да ја пратиме работата на човеков штом вака добро си ја започнува кариерата особено бидејќи до 2012 треба да ја заврши филмуваната верзија на Paradise Lost!

Приказна: Ова е приказна за едно поинакво работно интервју. Во соба се сместени 8 кандидати и еден стражар. За 80 минути треба да го завршат тестот. Се што имаат се испитниот лист и моливче. Проблемот е што листовите се празни а никој не го знае прашањето на кое се очекува одговор! Секој контакт со стражарот или преку камерите со комисијата значи автоматска дисквалификација. Истото следи и за оној чиј испитен лист ќе биде оштетен на каков и да е начин. Многу дилеми, забрани и рестрикции. Ама, поентата не е во тоа што е забрането туку во тоа што се е дозволено.

Се на се: Exam е еден фин психолошки трилер кој секако вреди да се погледне. Пред се поради тоа што е британски, поинаков и што нуди невообичаеност во приказната која ја има се помалку во холивудските филмови. Воопшто не му смета тоа што глумците се кој од кој понепознат и што буџетот е претпоставувам очајно низок. Дури кога ќе се земе сето тоа во предвид, филмов е феноменален. Нормално дека има пропусти како не толку длабоки досетки и постапки на ликовите и верувам крајот не на секого ќе му се допадне ама општиот впечаток мене ми беше прилично позитивен. Според мене и BAFTA номинацијата значи многу затоа што знаат тие да бидат прилично строги при своите избори.

Оценка: 7/10