Archive

Posts Tagged ‘убиство’

Death Race 2 (2010)

April 2, 2011 Leave a comment


Едноставно нели, обожавам вакви моменти! Кога ќе видам дека некој филм е направен за видео дистрибуција од старт имам лошо мислење. Кога самите продуценти сметаат дека не е доволно добар за кино дистрибуција, зашто ли јас би го гледал со поинаква претпоставка. Поучен и од милион продолженија на други филмови кои за разлика од оригиналите одат директно на видео и се мизерно лоши, Death Race 2 не можеше да биде ништо друго освен нивни следбеник. И, конечно тука доаѓа моментот што го обожавам. Death Race 2 изненадува 100% и е најдоброто што филм од негов калибар би требало да биде.

Death Race 2 носи унитување на ниво!

Приказната е претходница на Death Race и раскажува за настанувањето на возачот под име Frankenstein, кој погинува на почетокот на првиот дел, и општо за почетоците на самата трка. Нешто што започнува како обична борба до смрт на затвореници, поради опаѓање на гледаноста се трансформира во смртна трка. За да биде влогот поголем, победникот после 3 дневни трки добива целосно помилување и ослободување од затвор. Уште повеќе ги замрсува сметките тоа што за главата на главниот лик , Carl Lucas, има распишано и награда од 1 милион долари. Победникот е секако со дупла добивка.

Главната улога е за Luke Goss

Death Race 2 е евтин во поглед на приказна, смисла, поента, етика, морал и било каква повисока вредност. Затоа изобилува со се што еден акционен филм треба да има. Многу акција, насилство, крв, тепачки, убиства, уште крв, полуголи згодни жени, уште насилство, коли, тркање и уште редица работи чија главна намена е подигање на адреналин. Сето тоа спакувано во одлично пакување што би значело дека камера, фотографија и продукцијата се на се се на сосема задоволително ниво. Друго нешто со кое изненадува Death Race е тоа што во себе меѓу другите ги има Sean Bean, Ving Rhames и Danny Trejo! Скоро да неможеш да побараш повеќе од филм наменет да лета директно на DVD!

7/10

Advertisements

True Grit (2010)

February 25, 2011 3 comments

Година: 2010
Режија: Joel and Ethan Coen
Сценарио: Joel and Ethan Coen (сценарио), Charles Portis (роман)

Приказна: Најпрво вреди да се спомне фактот дека истава приказна е веќе филмувана во 1969. Филмот го носи истиот наслов а во главната улога е легендарниот John Wayne. Бидејќи го немам гледано, неможам да судам за неговиот квалитет ниту пак колку новиов True Grit е преработка или е едноставно нов поглед на романот на Charles Portis. Тука и ќе го завршам муабетот за старата верзија.

Приказната во True Grit претставува нарација на Mattie Ross, сега веќе средовечна жена, за случувањата во нејзиното детство околу убиството на нејзиниот татко.  Иако само 14 годишно девојче таа на итар и неверојатно тврдокорен начин успева да го најми маршалот Rooster Cogburn и тексашкиот ренџер LaBoeuf да го најдат убиецот. Така со нив двајца тргнува по потрага за Tom Chaney низ американските прерии. Тоа можеби и не би бил толку голем проблем доколку не се земат проблематичните карактери на двајцата главни протагонисти. Cogburn, веќе во години, е суетен и пропаднат пијаница а LaBoeuf е осаменик далеку од својот дом, научен да не верува на никој друг освен на себе си. Ниту еден од двајцата не и ја олеснува работата на малата Mattie Ross.

Иако филмов припаѓа на вестерн жанрот, направен е на така фин начин што верувам дека ќе се допадне и на женската публика. Кон таква претпоставка ме влече и сентименталната нота проткаена низ крајот на филмот која сигурно нема никого да остане рамнодушен.

Екипа: Нема ништо поубаво кога една одлична филмска приказна ќе биде одиграна од уште подобра глумечка екипа. True Grit е баш еден таков пример. Jeff Bridges (Rooster Cogburn) , Hailee Steinfeld (Mattie Ross), Matt Damon (LaBoeuf) и Josh Brolin(Tom Chaney) даваат прекрасни изведби! Тоа мое мислење не е поради фактот што се ѕвезди! Ни најмалку не е така! Луѓево во филмов се едноставно феноменални, даваат можеби се од себе за да на веродостоен начин ги одиграат улогите кои што им се дадени. Нешто што можеби и треба да е стандард но за жал стандард што се помалку го има во Холивуд.


За Hailee Steinfeld улогата на Mattie Ross е нејзина прва на големото платно. Можете да замислите колку е само добра кога во својот дебитантски настап успева да добие номинација за оскар. Подобра глума од млада актерка немам видено со години!


Начинот на кој господинот Jeff Bridges успева да се истрансформира од филм до филм се граничи со генијалност! Нема како поинаку да се објасни и неговата улога како Rooster Cogburn која му ја носи шестата номинација за оскар! Лани истата таа награда и ја освои. Изгледа како да влегува во своето златно глумечко доба кога целиот талент му експлодира на најдобар можен начин.

Се на се: 10 номинации за оскар, 13 други веќе освоени награди и уште 54 други номинации. Филм за сечиј вкус што несмее никој да го пропушти! Чиста десетка!

Оценка: 10/10

Devil (2010)

February 11, 2011 Leave a comment

Година: 2010
Режија: John Erick Dowdle
Сценарио: Brian Nelson (сценарио), M. Night Shyamalan (приказна)

Екипа: Единствено можеби бабичката, Jenny O’Hara, е нешто попозната. Останатите: Chris MessinaLogan Marshall-GreenBokeem Woodbine и Bojana Novakovic се со претежно неважни и не многу успешни споредни улоги и улоги по серии во своите кариери.  Затоа што гарант ќе сакате да знаете, Bojana Novakovic е родена србинка (1981) меѓутоа порасната и образована во Австралија. Ретко кој од Балканот директно стига во Холивуд.

Иако се релативно непознати не можам да најдам поголеми забелешки за глумата. Освен можеби на Bojana која на моменти ми е малку пластична. Сите останати верно си ги пренесуваат ликовите и допринесуваат кон добрата атмосфера низ целиот филм.

Приказна: Релативно едноставна приказна која повеќе се потпира на атмосфера и тоа сосема успешно. Од време на време, ѓаволот доаѓа помеѓу обичните луѓе, одбира група на грешници и си поигрува со нив порадни нивните злодела. Што до некаде е чудно! Не би требало тоа да го прави некој поданик на Бог, некој од добрите? Зашто ѓаволот би ги казнувал оние кои чекорат по неговиот пат?

Во секој случај, ѓаволот е многу лут на група грешници и е решен да ги земе со себе… долу по скалите! 😉 Навидум едноставните настани како скокот од 100 катница и заглавување на лифт всушност претставуваат последица од насобирањето на негативна енергија поради неговото доаѓање. Токму тој лифт ќе стане сцена за крвав масакар. Надвор од лифтот детективот Bowden прави се што е во негова моќ да ги спаси оние заглавени во него но без притоа да може да согледа што вистински се крие позади настаните. Интересното е што сите судбини на учесниците се испреплетени на еден или на друг начин. Ништо не е случајно.

Се на се: Едноставен и интересен филм со заплет кој што е фин доколку не се навлезе премногу во анализирање на тоа што и зашто. Добра атмосфера, неколку добри плашења и солидна глума од актерите се доволна причина за да го видат љубителите на класичните трилер филмови без притоа да мора да бидат хорор фанови. Од друга страна, ништо оригинално. Потсетува прилично на долгометражна епизода од Supernatural, па на љубителите на серијалот филмов ќе им биде “гола вода”.

Оценка: 6/10

Cherry Tree Lane (2010)

November 16, 2010 Leave a comment

Cherry Tree Lane Poster

Година: 2009
Режија: Paul Andrew Williams
Сценарио: Paul Andrew Williams

Екипа: Глумците се тотално непознати. Ниско буџетни глумци за ниско буџетен филм. Единствено име што отскокнува е она на режисерот и сценарист,  Paul Andrew Williams. Покрај неколкуте релативно непознати но добро рангирани хорор филмови, негов е критички одобрениот London to Brighton. Моја грешка е што наместо да го гледам тој јас го гледав овој, под претпоставка дека би бил подеднакво добар како претходно испофалениот. Што е тука е! Глумците, иако непознати, се во најмала мера солидни со само изолирани моменти на  лоша, вештачка глума и неколку одлично изведени, потресни сцени.

Приказна: Обична брачна двојка, во најобична англиска вечер е тероризирана од најобична банда на млади деликвенти. На почеток се тројца за да подоцна им се придружи и женско друштво и едно 10-12 годишно детенце кое случајно се наоѓа таму каде што најмалку потребно. Цел на заложничката драма е синот на двајцата сопружници кои сите чекаат да се врати од некаде а кој претходно го исцинкарил the cousin на главниот тепач.

Највредно за зебележување во целиот настан е тоа што сите, освен добро измалтретираните маж и жена, целата случка ја поминуваат со неверојатна леснотија. Низ сите настани нема ни грам загриженост во нивниот израз. Како се тоа да им е за добро утро. Некоја тривијална детска игра како џамлии или жмурка. Изгледа до таму отишол еволутивниот процес. Уште повеќе загрижувачки е моментот кога доаѓаат девојките. Најобични тинејџерки, горе-доле средна или висока ниска класа, кои како да не забележуваат дека пред нив лежи полумртов изврзан човек додека тие си пијат шампањско и поминуваат низ случките на денот.


Се на се: Солиден “урбан хорор”, како што некои го нарекуваат. Ми се засвиѓа како сета таа обичност и просечност од текот на целиот филм експлодира во потенцијално потресен крај со општочовечка порака за анималноста во нас. Уште една добра работа ми беше камерата. Многу крупни кадри и кадри надвор од центарот на случувањата. Пример, камерата седи на лицето на таткото додека таму некаде се слуша како неговиот син е диво претепуван. Интересен пристап кој се кажува дека режисерот го усовршил уште во London to Brighton.

Оценка: 6/10

Red (2010)

October 24, 2010 Leave a comment

red poster

Година: 2010
Режија: Robert Schwentke
Сценарио: Jon HoeberErich Hoeber (работено според истоимениот стрип на Warren Ellis и Cully Hamner )

Приказна: Кога пензионираниот агент на тајните служби Frank Moses (Bruce Willis) ќе ја запозне Sarah Ross (Mary-Louise Parker) помеѓу нив ќе почнат да летаат сосема други искри покрај љубовните. Уште на самиот почеток на филмот некој се обидува да го убие па тој ќе биде принуден да го брани својот и животот на Sarah која сосема случајно ќе се најде втурната во цела таа мешаница. Во сето тоа на Frank му помагаат тројца колеги од старите денови Joe (Morgan Freeman), Marvin (John Malkovich) и Victoria (Helen Mirren). На спротивната страна, одговорен за нивна ликвидација стои агентот Cooper (Karl Urban). Филмот изобилува со акција од почеток до крај зачинета со доста смешни моменти. Приказната како ваква и не е којзнае што но надополнета со интересните ликови и одличната глума прави филмов да е право уживање.

Екипа: Од време на време Холивуд знае да направи полн погодок во изборот на главните и споредни улоги. Red е токму тој случај. Сите се одбрани на место, интересни и одлично глумат. Willis е како создаден за ваков филм, акционен херој со шармантна насмевка, кој лесно се трансформира од смешен во смртоносен. Споредните ликови на Malkovich и Helen се исто така одлични. Malkovich е праноичен лудак, за што и нема потреба многу да се труди да го изглуми. До него, Miren е смртоносната дама во години што исто така одговара на нејзиниот карактер како глумица…. барем “дама” делот. 🙂 И на крај но секако не последна, Mary-Louise Parker одлично се снаоѓа во оваа група од стари волци. Секси, смешна и, како што ја знаеме од Weeds, најчесто без поим што точно се случува….. целосно изгубена во мешаницата околу неа. Сето тоа на многу сладок начин. 😉

Се на се: Red е филм кој несмее да се пропушти. Не дека е некое откровение или дека нуди нешто до сега невидено, туку строго поради забавниот фактор, акцијата и одличните актери и актерки што на екранизираната приказна и даваат свој шарм. Доколку се погледне во рамките на својот жанр, романтично-комична акција, овој филм заслужува чиста 9ка…. не е 10ка затоа што колку и да има акција, никогаш не е доволно 😀

Оценка: 9/10