Archive

Posts Tagged ‘2009’

Collapse (2009)

February 5, 2011 Leave a comment

Година: 2009
Режија: Chris Smith

Ова е документарен филм за колапсот. Пред се за оној на светската економија од пред некое време. Истата што сеуште трае и ги тресе и малите и големите држави ширум светот. Но ова е филм и за еден поинаков вид на колапс. Оној што може е пострашен од политичко-економскиот. Тоа е колапсот на животот на главниот протагонист на овој филм, Michael Ruppert. Овие два меѓусебе испреплетени слоја го прават Collapse суштински од повеќе аспекти. Далеку од тоа дека, како што некои критичари велат, е уште една приказна за уште еден светски заговор.

Некако е нелогично да се раздвојат двете гореспоменати нишки на оваа приказна. Поради тоа, за да се дојде до идеите во врска со големта економска криза мора да се започне најпрво со животот и делото на нивниот креатор.

Ruppert е роден 1951 во Washington DC. Потекнува од фамилија која е длабоко поврзана со разни владини агенции, CIA, DoD и слично. Најверојатно воден од семејната историја се запишува и завршува политички науки на UCLA. Потоа добива работа како полицаец во LAPD. Таму за кратко време ги покажува своите квалитети, завршува и курс за агент на DEA и се префрлува баш во тој оддел како детектив. Од тој момент започнува своевидниот колапс на неговиот живот.

Во 1977 открива дека самата CIA учествува во трговија и дистрибуција на наркотици што и официјално го пријавува. Откако увидува дека сите се свесни за тоа и премолчувајќи истото го одобруваат, дава отказ од CIA во 1978. Во наредниот период е под голем притисок и закани. Направени биле и три обиди да биде ликвидиран но безуспешно. И покрај се, тој не престанува во своите обиди да дојде до правда. Тоа го прави на сите можни начини во наредните 20 години, од јавни соочувања со лица високо во хиерархијата на Агенциите, до официјално приложување на разни доказни материјали. За жал, до ден денес, никој нема делувано по нив.

Доцните 90ти станува истражувачки новинар и започнува newsletter под име From the Wilderness во кој разоткрива разни корупциски скандали во владеачките структури на САД. Читан е во над 50 држави, од бројни видни личности во државата како професори и конгресмени. Благодарејќи на својата експертиза вршел предавања низ многу универзитети а бил и повикуван на сослушувања за разни случаи на корупција.

Michael Ruppert

Michael Ruppert

Атмосферата во Collapse не е ништо поразлична како на самиот постер. Ruppert е сместен во темна соба, седнат на столица, нешто налик на оние ќелии за испрашување на осомничени. Од една таква атмосфера, палејќи цигара за цигара, тој ги реди своите гледишта за тоа што се случи со светската економија и што доведе до нејзинио стрмоглав пад. Главно место во неговите размислувања зема идејата за peak oil, како во еден момент производсвото на нафта ќе го достигне врвот и во еден момент ќе почне да опаѓа се до оној момент кога целосно ќе ја снема. Според него, светската економија е градена на постулатот дека сите ресурси се бесконечни, што некако се коси со здравата логика! Што и да е, ќе дојде денот кога ќе се потроши па и самата нафта. Што тогаш? Како тогаш ќе се продолжи со се? Ruppert спасот го наоѓа во фамилајата, заедницата и меѓусебното помагање, што на целата црна приказна и носи нота на надеж и оптимизам.

Идеите на Ruppert варираат од застрашувачко вистинити и потресни до параноидни. Убавото нешто е што Chris Smith не завзема страни. Тотално е непристрасесен кон се што се кажува. Се чини дека нему поважен му е Ruppert како личност отколку неговите излагања. Поради тоа на неколку пати не му пречи да го остави Ruppert убаво да се исплаче, без притоа да е јасно што точно тој оплакува, светскиот пад или неговиот личен пад. Кон таа можност се придодава и крајот на овој документарец. Тој режисерот не го завршува со можно сценарио за крај на светот или порака кон човештвото, туку ја истакнува тешката состојба на неговиот главен јунак, без пари, без семејство, под закана да биде иселен од малата куќа која ја изнајмува.

Collapse е една потресна приказна која несмее да се пропушти и покрај тоа што некои ја опишуваат како налудничави бладања за уште еден голем светски заговор кои не ја земаат во предвид човековата снаодливост да се справи со каков и да е проблем.

Оценка: 8/10

Advertisements

Carny (TV 2009)

November 11, 2010 Leave a comment

Carny posterГодина: 2009
Режија: Sheldon Wilson
Сценарио: Douglas G. Davis

Екипа: Би рекол типична ТВ тиња. Можеби е навредливо но некои глумци де факто никогаш нема да излезат од ТВ екраните па на големото платно. Ќе останат просечни или поради тоа што се задоволни со просечност или бидејќи толку ги бива. Типичен претставник на таа фела ми е главниот лик на филмов Lou Diamond Phillips. Верувам нема кој не го знае. Човекот си има изградено имиџ од лоши, нискобуџетни ТВ филмови, серии и што е право едно или две солидни кино остварувања. Очигледно е подостарен, но фацата е таа, препознатлива, како бренд! И искрено, само ради него не го исклучив филмот. Вториот познат глумец во филмов е Alan C. Peterson. Тој, рака на срце, се има појавувано во доста големи филмски проекти (Narc, Shooter, Defendor, Shanghai Noon…) што верувам дека одма се познава од неговата глума. Се останато од глумците е катастрофа во секој можен поглед.

Приказна: На првата вечер на карневалот во малото американско гратче, на главното отварање, нивната главна атракција ќе успее да побегне и да направи касапница наоколу. Атракцијата е помалку познатиот Jersey Devil, урбана легенда од американскиот исток. Шерифот (Lou Diamond Phillips) сака да го фати за да го убие, газдата на карневалот (Alan C. Peterson) за да може со него да го продолжи своето шоу. Горе-доле тоа е се, плитко, проѕирно и без многу возбуди. Згора на се ефектите се мизерни а крајот… крајот е во суштина непостоечки бидејќи филмов не заврши туку едноставно престанува!

Се на се: Дури и die-hard хорор обожаватели треба да помислат два пати пред да седнат да го гледаат филмов! Мене ми го предложи ДВД снабдувачот…. што го сменив веќе наредниот ден!

Оценка: 3/10

Exam (2009)

November 7, 2010 2 comments

exam poster

Година: 2009
Режија: Stuart Hazeldine
Сценарио: Stuart HazeldineSimon Garrity

Екипа: Сите во оваа британска екипа се малтене непознати. Не одрипнува ниту едно име ниту кај глумците ниту кај продукцијата па поради тоа нема да спомнам никого. Сепак, тоа што се непознати не ги спречи да покажат во најмала рака просечно добра глума. Филмов, како и многу други, пак ми покажува дека просечниот британски актер е далеку подобар од просечниот американски актер. Вреди да се спомне дека Exam т.е. Stuart Hazeldine беше номиниран за овогодинешниве BAFTA во категоријата Outstanding Debut by a British Writer, Director or Producer. Можеби би било добра идеја да ја пратиме работата на човеков штом вака добро си ја започнува кариерата особено бидејќи до 2012 треба да ја заврши филмуваната верзија на Paradise Lost!

Приказна: Ова е приказна за едно поинакво работно интервју. Во соба се сместени 8 кандидати и еден стражар. За 80 минути треба да го завршат тестот. Се што имаат се испитниот лист и моливче. Проблемот е што листовите се празни а никој не го знае прашањето на кое се очекува одговор! Секој контакт со стражарот или преку камерите со комисијата значи автоматска дисквалификација. Истото следи и за оној чиј испитен лист ќе биде оштетен на каков и да е начин. Многу дилеми, забрани и рестрикции. Ама, поентата не е во тоа што е забрането туку во тоа што се е дозволено.

Се на се: Exam е еден фин психолошки трилер кој секако вреди да се погледне. Пред се поради тоа што е британски, поинаков и што нуди невообичаеност во приказната која ја има се помалку во холивудските филмови. Воопшто не му смета тоа што глумците се кој од кој понепознат и што буџетот е претпоставувам очајно низок. Дури кога ќе се земе сето тоа во предвид, филмов е феноменален. Нормално дека има пропусти како не толку длабоки досетки и постапки на ликовите и верувам крајот не на секого ќе му се допадне ама општиот впечаток мене ми беше прилично позитивен. Според мене и BAFTA номинацијата значи многу затоа што знаат тие да бидат прилично строги при своите избори.

Оценка: 7/10

From Within (2008)

September 13, 2010 Leave a comment

From Within

From Within беше дел од официјалната програма на третиот по ред After Dark Horror Fest во 2009та година. Самиот тој факт е показател за тоа што може да се очекува од филмов. Просечен до лош, со релативно неоригинално сценарио, доста непознати глумци со многу мала шанса да изненади. Слободно може да се каже дека From Within влетува токму во тие рамки.

doppelganger

Приказната е за едно мало американско градче во кое жителите мистериозно започнуваат да се самоубиваат. Се покажува дека причината не е досадното секојдневие ниту депресија туку дека на работа се одредени натприродни сили. Во центарот на збиднувањата 🙂 се наоѓаат двата глави лика Lindsay и Eidan, глумени од Elizabeth Rice и Thomas Dekker. Како се одмотува приказната се воспоставува дека темнато минато на фамилијата на Eidan има голем удел во се што се случува.

Филмов не е прав хорор, во вистинска смисла на зборот. Повеќе е како трилер без премногу возбуди и чат-пат по некој страшен момент. Иако самата приказна и не е толку лоша, нискиот буџет секако си ја има одиграно својата улога во просечноста на филмот. Токму поради тоа изостануваат сцени со којзнае какви застрашувачки ефекти или феноменална шминка. Убоди со ножици во врат, неколку запалувања, пресечени вени и уште две-три упатства за самоубиство е се што се нуди од застрашувачки аспект. Најјезиви моменти во филмов дефинитивно се оние кога имагинарните жртвите се бркани од нивните замислени двојници со бледи, венасти лица и испиени очи. За одредени сцени со сигурност можам да тврдат дека се директно украдени од други филмови. Први два такви на кои ми текнува се Final Destination и The Exorcism of Emily Rose.

Сепак на крај, кога ќе ми текне на сите катастрофални хорор филмови од последно време, општиот впечаток за From Within ми е некако позитивен. Кон тоа најверојатно придонесоа интересната и воглавно помлада глумечка екипа и одличната завршна сцена која секако е врв на филмов.